Timo Kirez
10 Мај 2023•Ажурирај: 18 Мај 2023
ЖЕНЕВА (АА) - Ниту една друга земја во светот не сака да ја ограничи миграцијата толку како Австрија, покажува новото истражување објавено денес, пренесува Анадолу.
Истражувањето на Индексот на перцепција на демократијата 2023 година, направено од групата Алијанса на демократии на генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, покажува дека Европејците генерално сакаат миграцијата да се намали повеќе од остатокот од светот.
Додека само 12 отсто од испитаниците низ светот го рангираа намалувањето на миграцијата меѓу првите три прашања на кои нивната влада треба да се фокусира повеќе, во Европа бројката изнесуваше 19 отсто.
Највисоки резултати од сите 53 анализирани земји беа во Австрија (34 отсто), Германија (31 отсто), Холандија (30 отсто), Франција (28 отсто) и Шведска (27 отсто).
Прва земја што не е членка на ЕУ на рангирањето беше Чиле со 26 отсто. Спротивно на тоа, миграцијата е помалку важна за земјите како Русија (5 отсто), Украина (4 отсто), Бразил (1 отсто) и Нигерија (1 отсто).
Истражувањето, исто така, покажува дека глобалните испитаници сметаат дека е поважно владите да се фокусираат повеќе на намалувањето на сиромаштијата, борбата против корупцијата, промовирањето на економскиот раст и подобрувањето на здравствената заштита и образованието.
За Индексот на перцепција на демократијата 2023 година, германскиот Институт за истражување на пазарот Латана, во соработка со Алијансата на демократии, изврши анкета на речиси 54.000 луѓе во 53 земји во кои живеат три четвртини од светската популација.