Lokman İlhan
17 Април 2017•Ажурирај: 17 Април 2017
MОКОА (АА) - Семејствата на луѓето што исчезнаа во поплавите коишто во почетокот на месецот го погодија колумбискиот град Moкoa, се обидуваат да ги пронајдат своите блиски преку фотографии истакнати на објектите во градот, јавува Anadolu Agency (AA).
Во поплавите предизвикани од обилните дождови, смртно настрада 321 лице, а според официјалните податоци, повеќе од 100 луѓе се водат за исчезнати.
Спасувачките екипи ја прекинаа потрагата по исчезнатите лица, а семејствата одлучија сами да направат нешто за да ги пронајдат. Исто така, семејствата побараа од властите да продолжат со акциите за спасување и потрагата по телата, за загинатите да бидат пристојно погребани.
На многу улици, на комерцијални и станбени објекти во градот Moкоа се поставени фотографии на исчезнатите лица.
Во градот може да се видат луѓе што блиските ги бараат меѓу урнатините, иако некои тела се пронајдени и на 50 километри далеку од Мокоа.
Многу групи составени од членови на семејствата чии блиски исчезнаа се собираат секоја вечер со цел преку медиумите да испратат повик за помош.
Во градот, одделни училишта се користат како прифатилишта за луѓето што во поплавите го изгубија покривот над глава.
Сепак, се очекува овие училишта да бидат испразнети за да можат 12.000 ученици да се вратат на училиште.
Во исто време, во тек е вакцинацијата против неколку видови болести. Истовремено се работи на повторно обезбедување електрична енергија во градот, во кој некои делови речиси се целосно уништени.
Последниот извештај на Националната унија за управување со кризи (UNGRD) покажуваат дека меѓу жртвите во поплавите има и 120 малолетници.
На 31 март, обилни врнежи од дожд го погодија градот Мокоа, кој брои околу 45.000 жители.
Врнежите предизвика излевање на реките Mулато, Сангојако и Moкoa, а калта и карпите што се урнаа уништија одредени населби или делови од нив.