Burç Eruygur
22 Декември 2022•Ажурирај: 23 Декември 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, истакна дека посетата на претседателот Владимир Зеленски на САД не е симболична, туку имала за цел зајакнување на одбраната на земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Историски ден во Вашингтон, апсолутен восхит на Американците кон Украина и претседателот Зеленски. Оваа посета сега е настан број еден во Америка и во светот. Но, оваа посета не е за симболика, туку за конкретни одлуки кои ја зајакнуваат одбраната на Украина“, напиша Дмитро Кулеба на Фејсбук.
Поздравувајќи ја одлуката на САД за обезбедување на Украина со системите за противвоздушна одбрана „Патриот“, Кулеба истакна дека Киев наскоро ќе ја добие првата батерија „Патриот“, за која нагласи дека ќе донесе „целосно ново ниво на воздушна заштита“.
Тој понатаму посочи дека нивното чекање за добивање на системите за противвоздушна одбрана „Патриот“ завршило со телефонскиот разговор меѓу Зеленски и американскиот претседател Џо Бајден на почетокот на декември.
„Несомнено, блискиот и доверлив однос меѓу претседателите одигра клучна улога... И најважното нешто: приказната за „Патриотите“ е уште еден пример за фактот дека невозможното станува возможно ако Украина го прави тоа“, додаде Кулеба.
Зеленски вчера за првпат ја напушти Украина по започнувањето на руската „специјална воена операција“ пред 10 месеци за да се консултира со Бајден и американските законодавци во Вашингтон.
Кремљ го предупреди Вашингтон да не го испраќа системот „Патриот“ на Украина, нагласувајќи минатиот четврток дека секоја испорака ќе го зголеми ризикот од директно вклучување на Вашингтон во конфликтот.