Jelena Trajkovic
01 Февруари 2016•Ажурирај: 02 Февруари 2016
НИШ (АА) - Над 250 деца мигранти без придружба од возрасни лица поминале низ Центарот за сместување на малолетни странци во Ниш од 2011 година. Раководителот на центарот за сместување малолетни странци, Сања З. Живковиќ, кажа дека „постојат различни ситуации поради кои децата овде доаѓаат сами” и дека најчестата причина е губењето на родителите во војната.
„Неретко, децата кои доаѓаат ги имаат изгубено своите родители во своите земји зафатени со војна. Имаше деца кои ја гледале смртта на родителите и целокупната фамилија, а едно дете од Сирија дури ги собирало деловите на телото на својата мајка и роднините. Некогаш родителите се одвојуваат од децата затоа што тие полесно поминуваат како малолетни, а родителите доаѓаат подоцна. Воглавно, многу е важно да се утврди дали детето е во придружба на родителите или не”, рече Живковиќ во разговор за Anadolu Agency (АА).
Според неа, најчесто момчињата се одлучуваат да тргнат на ваков пат, додека многу е помал бројот на девојчињата, поради тежината на патот и неизвесноста.
Како што објасни таа најголем дел од децата доаѓаат од Авганистан, Сирија, Пакистан, Ирак, Нигерија и други, со војна погодени подрачја. Во центарот се задржуваат од седум дена до еден месец. А според правилникот, како што нагласи, за приемот и исписот на малолетните странци предвидени биле околу 90 дена, до решавањето на конечниот статус.
Објасни дека децата кои доаѓаат во Центарот се деца кои се преплашени, со висок степен на траума и различни пострауматски пореметувања и кај нив е присутна голема анксиозност, но дека тие не се агресивни и сакаат да соработуваат.
„Благодарни се за сè, од средства за хигиена, храна, за сето она што го чиниме за нив. Она што е голем проблем е јазичната бариера, затоа што децата доаѓаат од различни говорни подрачја. Кога говорат англиски лесно е да се воспостави контакт со нив, но во спротивно, ние сме должни да им обезбедиме преведувач”, раскажува Живковиќ.
Објасни дека малолетните лица имаат подруг третман во однос на полнолетните лица, бидејќи се третираат како лица со посебни потреби, и во нашето домашно законодавство, а и во меѓународните регулативи.
Таа оцени дека во Србија постојат силни предрасуди кон мигрантите и дека граѓаните обично реагираат недоверливо и негативно иако ниту еден инцидент не се случил за сиот овој период, колку што поминуваат низ Србија.
За пет години, колку што ја работи оваа работа, тврди дека доживеала и слушнала многу трагични судбини од овие деца, од кои и ден-денес не може да заспие.
Во очекување на голем прилив на мигранти во следните 10 години од земјите од африканскиот континент, во Ниш и Прешево е организирана обука на волонтери во склоп на проектот „Безбедното детство не познава граници - во пресрет на децата мигранти”, во соработка со невладината организација „Домовик” од Белград.
Проектот има за цел волонтерите да се запознаат со проблемите на мешовитиот миграциски тек и со проблемите што се однесуваат на малолетните странци без придружба, како и со начините на постапување и упатување во понатамошната процедура.