Ahmed Asmar
06 Декември 2023•Ажурирај: 07 Декември 2023
РАМАЛА (АА) - Палестина денес ја осуди одлуката на Велика Британија да спроведува извидувачки летови над Појасот Газа, нагласувајќи дека овој потег го прави Лондон соучесник во израелскиот напад врз палестинската енклава, пренесува Анадолу.
„Одлуката на Велика Британија да прати авиони за набљудување над Газа го прикажува соучеството во израелската геноцидна војна [во Газа]“, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи.
Во саботата, британското Министерство за одбрана соопшти дека извидувачките летови ќе бидат дел од напорите за спасување на израелските заложници што ги држи Хамас во Појасот Газа.
Министерството нагласи дека Владата на Велика Британија „работела со партнерите од целиот регион за да обезбеди ослободување на заложниците, меѓу кои и британски државјани, кои биле киднапирани“ по нападот на Хамас во Израел на 7 октомври.
Во петокот Израел ја продолжи својата воена офанзива на палестинската територија по завршувањето на еднонеделната хуманитарна пауза со Хамас.
Најмалку 16.248 Палестинци загинаа, а над 43.616 се ранети во немилосрдните воздушни и копнени напади врз енклавата од 7 октомври по прекуграничниот напад на Хамас.
Според официјални податоци, билансот на жртви во нападот на Хамас во Израел изнесува 1.200.