İlayda Çakırtekin
22 Септември 2025•Ажурирај: 23 Септември 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Додека Франција се подготвува официјално да ја признае Палестина за држава, денес 52 градски управи низ целата земја го кренаа палестинското знаме спротивно на забраната на Владата, пренесува Анадолу.
Француското Министерство за внатрешни работи објави дека 52 општини од 34.875 го поставиле знамето, и покрај јасните упатства до префектите да спречат кревање на палестински знамиња на градските управи и други јавни згради, јави радиодифузерот БФМ ТВ.
Градовите каде што беше кренато знамето се Нант, Стен, Сен Дени и Лион.
Други општини наводно планираат да го кренат знамето подоцна во вечерните часови.
Вчера, Велика Британија, Канада, Австралија и Португалија го објавија своето признавање на Палестина, со што бројот на земји членки на ОН кои го презедоа овој чекор се искачи на 153 од вкупно 193.
Единаесет земји, вклучувајќи ги Малта, Луксембург, Франција, Белгија и Ерменија, исто така сигнализираа планови за признавање на Палестина како држава за време на 80-тото заседание на Генералното собрание на ОН, каде што денес во Њујорк светските лидери ќе се состанат за разговори на високо ниво.