Dmitri Chirciu
12 Јули 2021•Ажурирај: 13 Јули 2021
МОСКВА
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, наведувајќи дека САД сакаат да ги постават своите воени бази во земјите од Централна Азија, рече: „Распоредувањето на американските воени бази во Централна Азија не мислам дека би било во интерес на безбедноста во регионот“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Лавров и министерката за надворешни работи на Судан, Мерјем Садик ал-Мехди, одржаа прес-конференција по нивниот состанок во главниот град Москва.
Осврнувајќи се на прашањето за Авганистан, Лавров нагласи:
„Не мислам дека распоредувањето нови американски воени бази во Централна Азија би било во интерес на безбедноста во регионот.“
Нагласувајќи дека земјите членки на Организацијата на Договорот за колективна безбедност треба да донесат одлука за распоредување странски трупи во тие земји, Лавров рече: „Засега нема поднесено барање за ова прашање.“
-„Треба да бидат укинати санкциите кон Судан“
Потсетувајќи дека Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) вовел санкции кон Судан во 2004 година, Лавров рече дека сакаат овие санкции да бидат укинати.
„Санкциите не само што го изгубија своето значење во денешни услови, туку станаа пречка за развојот на земјата“, нагласи Лавров.
Осврнувајќи се на договорот меѓу Русија и Судан во врска со изградбата на руска воена база во Судан, Лавров истакна дека започнат е процесот за одобрување на овој договор од страна на Думата, Долниот дом на рускиот Парламент.
Искажувајќи дека на состанокот исто така разговарале за прашањата за Палестина, Сирија и Либија, Лавров додаде дека со колешката од Судан се согласиле да ги продолжат контактите за овие прашања во рамките на ОН.
Министерката за надворешни работи на Судан, Мерјем Садик ал-Мехди, осврнувајќи се на ситуацијата во Либија, Чад и Централноафриканската Република, наведе дека Судан треба поактивно да се вклучи во процесот на решавање на овие прашања, со цел да се обезбедат мир и безбедност во регионот.