Vakkas Doğantekin
27 Февруари 2019•Ажурирај: 28 Февруари 2019
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, истакна дека денес низ светот како последица на војни и конфликти се раселени 70 милиони лица, многу повеќе отколку во периодот на Втората светска војна, јавува Anadolu Agency (AA).
Говорејќи пред студентите, научната фела и медиумите на конференцијата организирана од Универзитетот ТОББ, во главниот град, Анкара, Чавушоглу се осврна на голем број прашања.
Турскиот министер истакна дека многу конфликти со кои светот се соочува денес се претвораат во „замрзнати конфликти“, наведувајќи ги примерите за кипарското прашање и кризата поврзана со Крим.
За војната во Сирија, Чавушоглу изјави дека сите актери во Сирија, без разлика дали ја сакаат Турција или не, знаат дека не можат да ја игнорираат Турција во решавањето на сириското прашање.
„Иако постигнавме одреден успех во стабилизирањето на делови од Сирија, ние сè уште не сме блиску до трајното решение“, изјави Чавушоглу.
Чавушоглу ја нагласи важноста на интегритетот во надворешната политика и ги повика сите земји да ги избегнат двојните стандарди во борбата против тероризмот и исламофобијата.
„Антисемитизмот е многу силен во Европа, многу посилен од исламофобијата, знам многу добро, но постојат строги закони против антисемитизмот. Нема закони против исламофобијата“, рече тој.
Чавушоглу, исто така, рече дека Европа ги засилила напорите против терористичките организации, како што се ПКК и ДЕАШ, само кога тие групи почнале да вршат напади на нивната земја.
Чавушоглу додаде дека Организацијата за исламска соработка (ОИК) треба да се реформира ако сака да има почуен глас за глобалните прашања, додавајќи дека Турција има намера да иницира реформски процес за време на нејзиното моментално претседателство.
Во врска со прашањето за Кипар, Чавушоглу истакна дека и покрај позитивните напори на Турција и кипарските Турци, страните не биле во можност да постигнат трајно решение за долгогодишиот конфликт како последица на негативниот став на кипарските Грци и европските земји.
Чавушоглу ја нагласи претприемничката и хуманитарна надворешна политика, велејќи дека Турција го поддржува мултилатералниот дијалог, преговори и консензус, наместо унилатерализам, трговски војни и протекционизам.