Tuğrul Çam
20 Март 2019•Ажурирај: 21 Март 2019
АНКАРА (АА) - Претставниците на земјите членки на Организацијата за исламска соработка (OIC) ќе се состанат во Истанбул и ќе разговараат за терористичкиот напад изведен во петокот врз двете џамии во Нов Зеланд, јавува Anadolu Agency (AA).
Дипломатски извори соопштија дека турските претставници, на состанокот на Извршниот одбор на ОИС планиран за 22 март, ги повикале претставниците на сите земји членки. Досега присуството на свои претставници го потврдија околу 20 членки.
На состанокот ќе присуствуваат министрите за надворешни работи на Иран, Либија, Индонезија, Пакистан, Авганистан, Судан, Катар и Сомалија, а треба да присуствуваат и амбасадорите и специјалните претставници на неколку земји.
Се очекува обраќање на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Потпретседателот на Турција, Фуат Октај, и министерот за надворешни работи на земјата, Мевлут Чавушоглу, при посетата на Нов Зеланд, реализирана по терористичкиот напад, поканија и претставници на Нов Зеланд да присуствуваат на состанокот на ОИС.
Се очекува присуството на заменикот на премиерката на Нов Зеланд и министер за надворешни работи, Винстон Петерс, и министерката за етнички заедници, Џени Салесa.
„Оваа значајна активност ќе му овозможи на Нов Зеланд да му се спротивстави на тероризмот и гласно со партнерите да зборува за вредностите меѓу кои е и религиската толеранција“, истакна Петерс.
Во терористичките напади врз џамиите „Ал Нур“ и „Линвуд“ во Крајстчрч, изведени на 15 март 2019 година, загинаа најмалку 50 луѓе.