Muhammed Enes Çallı
06 Октомври 2023•Ажурирај: 07 Октомври 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Соборувањето на турското беспилотно летало во Сирија на никаков начин не влијае на тековната антитерористичка операција таму, соопшти денес турското Министерство за надворешни работи, јавува Анадолу.
„По терористичкиот напад што се случи на 1 октомври 2023 година, нашите Вооружени сили и разузнавачката служба извршија сеопфатни операции против позициите на терористите на ПКК/ЈПГ во Ирак и Сирија согласно со нашето право за самоодбрана“, се вели во соопштението на Министерството.
Во неделниот спречен напад во турскиот главен град, бомбаш самоубиец се разнесе пред капијата на Министерството за внатрешни работи, додека вториот терорист беше застрелан од безбедносните сили. Во нападот со полесни повреди се здобија двајца полицајци. Турското Министерство за внатрешни работи ја потврди поврзаноста на напаѓачите со терористичката организација ПКК.
„Во овој контекст, од вчера (5 октомври) уништени се голем број позиции на сепаратистичко-терористичката организација, особено во регионите Тел Рифат, Џазира и Дерик во северна Сирија“, соопшти турското Министерство за надворешни работи.
„За време на операцијата, поради различни технички проценки во механизмот за деескалација на кој се работи со трети страни, изгубено е едно беспилотно борбено летало“, се наведува во соопштението.
„Се преземаат неопходните мерки за да се обезбеди поефикасно функционирање на механизмот за деескалација со релевантните страни“, се нагласува од Министерството и се додава дека инцидентот на никаков начин не влијаел на тековното спроведување на операцијата и на нишанењето на идентификуваните цели.
„Исто како што тоа се прави во Ирак, сета способност и извори на приходи развиени од терористичката организација во Сирија ќе продолжат систематски да се уништуваат“, соопшти Министерството.
Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Туркије, ПКК, којашто е ставена на листата на терористички организации од страна на Туркије, САД и ЕУ, е одговорна за смртта на повеќе од 40.000 луѓе, меѓу кои и новороденчиња, деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.