Yıldız Nevin Gündoğmuş
19 Октомври 2022•Ажурирај: 20 Октомври 2022
АНКАРА (АА) – Форумот за животна средина во организација на Агенција Анадолија (АА) ќе започне утре во Истанбул под слоганот „Повторно обликување на начинот на известување за животната средина и климатските кризи“.
Форумот се организира со цел да се зголеми глобалната свест кај меѓународните новински агенции, должностите на традиционалните и социјалните медиуми, но и формирањето здрава подлога на односите меѓу медиумите и животната средина.
Форумот ќе биде отворен со видеопорака на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
На отворањето ќе говорат претседателот на Управниот одбор и генерален директор на Агенција Анадолија, Сердар Караѓоз, резидентната координаторка на УНДП за Туркије, Луиза Винтон и заменик-извршниот директор на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени, Оваис Сармад, додека видеопорака ќе испрати и директорот на Одделот за комуникации при турското Претседателство, Фахретин Алтун.
Првата сесија, на која ќе говорат претставници на домашни и странски невладини организации, политичари и академици, ќе се одржи под слоганот „Одговорност на медиумите во климатските промени“, а модератор ќе биде заменик-генералниот директор и главен и одговорен уредник на АА, Јусуф Озхан.
На сесиите со наслов „Чиста енергија за одржлив развој“, „Пристапот на медиумите кон природните катастрофи“, „Климатската криза и споделувањето на одговорноста“ ќе се разговара за климатските промени, енергенсите, погледот на медиумите на климатските промени и едукацијата за животната средина.
Меѓу учесниците се и турскиот потпретседател Фуат Октај и министерот за животна средина, урбанизам и климатски промени, Мурат Курум.
Се очекува на церемонијата на затворање да говори Емине Ердоган, сопругата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, која го води проектот „Нула отпад“.
Меѓу учесниците на Форумот се и поранешниот министер за европски прашања на Португалија, Бруно Мачес, генералниот директор на италијанската новинска агенција АНСА, Стефано де Алесандри, уредникот за клима и животна средина при меѓународната новинска агенција АП, Питер Пренгаман, и директорот за клима при шпанската новинска агенција ЕФЕ, Артуро Ларена.
АА Форумот за животна средина може да се следи и онлајн со регистрација на https://environment.aa.com.tr.