Burcu Arik,Kübra Chohan
06 Декември 2017•Ажурирај: 06 Декември 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот премиер Бинали Јилдирим денес изјави дека планот на САД за Ерусалим е незаконит, јавува Anadolu Agency (AA).
Три високи официјални лица од администрацијата на Трамп синоќа потврдија дека американскиот претседател официјално ќе го признае Ерусалим за главен град на Израел и ќе започне со подготовките за преместување на американската амбасада во спорниот град.
Зборувајќи на заедничката прес-конференција во Сеул, со својот јужнокорејски колега Ли Нак-Јеон, Јилдирим рече:
„На еден или на друг начин, двете ситуации ќе бидат незаконити одлуки и ќе направат веќе постоечките проблеми во регионот да бидат уште потешки за решавање“.
„Од клучно значење за регионот и за глобалниот мир е американскиот претседател да не донесува никакви одлуки во овој правец“, рече Јилдирим.
„Ерусалим е многу чуствителна тема во светот на исламот. Нашето најголемо очекување и надеж во врска со ова прашање е да не се преземаат чекори. Наметнувањата и погрешните чекори во овој правец можат да доведат до неповратни последици“.
Ерусалим останува во сржта на трајниот конфликт меѓу Израел и Палестина, бидејќи Палестинците се надеваат дека Источен Ерусалим, кој е окупиран од страна на Израел, ќе биде главен град на идната држава.
За време на изборите, Трамп вети дека ќе ја премести амбасадата на САД од Тел Авив во Ерусалим.
„Заедно со муслиманскиот свет, ние ќе продолжиме да бидеме со палестинските браќа во нивната оправдана кауза, како што правевме и досега“, изјави Јилдирим.