Admir Fazlagic
08 Март 2017•Ажурирај: 09 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - Прифатно-тразнитниот центар за бегалци „Винојуг" кој се наоѓа во близина на македонската јужна граница вчера го напуштиле 13 лица, кои се вратиле во Грција, јавува Anadolu Agency (AA).
Информацијата ја потврдија од канцеларијата на УНХЦР во Скопје додавајќи дека и претходно се случувало бегалците од Македонија да се враќаат во Грција.
Според информациите од теренот, бегалците кои се наоѓаат во прифатниот центар „Винојуг" доброволно го напуштаат овој центар за бегалци и се враќаат во Грција, бидејќи таму фунцкионира договорот за реадмисија. На тој начин, бегалците полесно можат да стасаат до земјите на ЕУ, додека во Македонија можат да се пријават само да побараат азил.
Моментално на територијата на Македонија има вкупно 117 бегалци. Од нив, 45 се наоѓаат во бегалскиот камп во Табановце недалеку од македонската северна граница, додека 36 бегалци има во „Винојуг". Останатите 36 бегалци, баратели на азил во земјава, се наоѓаат во Скопје, од кои дел се сместени во приватна режија а дел во центрите за баратели на азил.
Во неколку наврати организациите кои беа вклучени во справувањето со бегалската криза бараа од надлежните институции во земјава да ги подобрат условите на бегалците кои престојуваат во Македонија, бидејќи во прифатно-транзитните центри во кои се сместени нема услови за подолг престој, од причина што тие се наменети за краткотрајно престојување на бегалците.
Од минатата година, од 9. март, официјално е затворена таканаречената „Балканска рута". Бегалците кои ја користеа останаа заглавени во земјите од регионот, во неможност да отпатуваат до нивната крајна дестинација - западните земји на Европа.