Elena Trenchevska Chekovikj
11 Јануари 2025•Ажурирај: 13 Јануари 2025
ПРИШТИНА (АА) – Денес во Косово официјално започна кампањата за парламентарните избори кои ќе се одржат на 9 февруари, јавува Анадолу.
Централната изборна комисија (ЦИК) за овие избори сертифицираше 28 политички субјекти и 1.280 кандидати.
Граѓаните ќе можат да изберат еден политички субјект и до десет кандидати за пратеници, за разлика од минатите избори кога можеше да се изберат најмногу пет кандидати.
Пред два дена почна гласањето по пошта за регистрираните гласачи надвор од Косово, кои можат да гласаат до 8 февруари.
Вкупниот број на гласачи е 2.075.868, од кои 104.924 се пријавени за гласање во странство.
Меѓу пријавените политички субјекти кои учествуваат на изборите е и Српската листа, чија апликација ЦИК ја завери откако Врховниот суд ја одби жалбата на движењето Самоопределување на одлуката на Изборниот совет за приговори и жалби.
Претходно, ЦИК не ја завери Српската листа за учество на изборите, поради, како што беше наведено, националистичките изјави на претседателот на Српската листа на Косово, Златан Елек, при претставувањето на избирачкиот список. Српската листа ја обжали оваа одлука, а Изборниот совет за приговори и жалби ја прифати жалбата и ѝ наложи на ЦИК да го потврди нејзиното учество на изборите.