Zylfije Adem Jakupi
30 Август 2021•Ажурирај: 30 Август 2021
ПРИШТИНА (АА) - Првата група авганистански бегалци пристигнаа доцна синоќа на приштинскиот аеродром „Адем Јашари“, каде што беа пречекани од косовската претседателка Вјоса Османи-Садриу, премиерот Албин Курти и министерот за внатрешни работи Џелал Свечла, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во Косово пристигнаа 111 Авганистанци, меѓу кои и жени и деца. Станува збор за Авганистанци што работеле за меѓународните воени сили и нивните семејства.
Тие ќе бидат сместени во поранешниот работнички камп на компанијата „Бехтел-Енка“, што се наоѓа недалеку од американската воена база „Бондстил“ во близина на Урошевац. Веќе денес, според министерот Свечла, се очекува уште една група Авганистанци.
Косовската претседателка Османи изјави дека авганистанските државјани кои биле работници на сојузниците на НАТО се добредојдени, и дека ним им е потребна заштита повеќе од кога било. Таа рече дека жителите на Косово порано биле жртви на геноцидна влада и дека добро знаат што значи да се напушти својот дом.
Премиерот Курти рече дека му е чест што може да им помогне на авганистанските бегалци кои „како и секој граѓанин во светот, заслужуваат слобода“.
Заблагодарувајќи им се на НАТО и САД за соработката во нивното доведување на Косово, Курти истакна дека „пред повеќе од 22 години НАТО изврши хуманитарна интервенција во Косово за да стави крај на геноцидот од страна на Србија, додека сега рамо до рамо со НАТО им помагаме на бегалците на кои им е потребна нашата поддршка“.
Во Косово би требало да пристигнат околу 2.000 Авганистанци. Косовските власти ги прифатија авганистанските бегалци на барање на САД.