Zylfije Adem Jakupi
29 Август 2021•Ажурирај: 30 Август 2021
ПРИШТИНА
Владата на Косово од денес воведува полициски час и ограничена работа на угостителските објекти поради огромниот раст на новозаразени и смртни случаи предизвикани како последица на заразеност со Ковид-19, известува Агенција Анадолија (АА).
Арбен Витиа, министерот за здравје на Косово, претставувајќи ги новите мерки на владиниот Кабинет, информираше дека почетокот на школската година ќе биде поместен од 1 на 13 септември.
„Во координација со Министерството за образование, наука и технологија, почетокот на образовниот процес се одлага за 13 септември, земајќи предвид дека делта-варијантата сега значително ги зголеми симптоматските случаи кај децата на возраст од 0 до 10 години, а посебно кај децата на возраст од 10 до 20 години. Исто така, оваа старосна група е претставена и како преносител на инфекцијата“, рече Витиа.
Угостителските објекти ќе можат да работат само на отворено, со ограничување на работното време од 5 наутро до 21:30 часот навечер. Се ограничува движењето на граѓаните во периодот од 22 часот до 5 наутро.
Граѓаните што влегуваат во Косово преку граничните премини сега ќе мораат да приложат доказ за вакцинација, негативен PCR-тест не постар од 72 часа или серолошки тест не постар од 30 дена. Во спротивно, мораат да потпишат изјава и да бидат во самоизолација 7 дена.
Новите мерки стапуваат во сила денес, 29 август.
Премиерот Албин Курти истакна дека институциите се должни да ги почитуваат мерките за да се спречи понатамошното ширење на коронавирусот.
„Ги предложивме и ги одобривме мерките против коронавирусот според епидемиолошката ситуација, водејќи сметка да го одржиме односот меѓу здравјето и економијата. Кога ситуацијата се подобрува, ќе ги олесниме, кога ќе се влоши, принудени сме да ги затегнеме. Со одобрувањето на вакцината, односот со пандемијата се смени. Се вративме во контранапад со вакцинацијата“, рече Курти.
Косовскиот премиер додаде дека вакцинацијата на населението во земјата е започната кон крајот на март, а масовно на 15 јуни.
Сите јавни и приватни институции се должни да работат со основниот персонал до 13 септември, а по тој датум вработените ќе мораат да поседуваат соодветен документ за вакцинација или тест за да им биде дозволен влез.
Во Косово последните две недели секојдневно се регистрираат околу 2.000 новозаразени со коронавирус, па во моментов во земјата има 25.797 активни случаи. Во последната недела животот го загубија речиси 100 лица поради заразеност со Ковид-19.