Husamedin Gina
14 Февруари 2021•Ажурирај: 15 Февруари 2021
КУМАНОВО
Во Северна Македонија денес на Граничниот премин „Табановце“ пристигна првата пратка со 4.680 вакцини од Србија, јавува Агенција Анадолија (АА).
На примопредавањето на вакцините присуствуваше делегација од Република Србија предводена од претседателот Александар Вучиќ, а негов домаќин беше премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев.
По примопредавањето на вакцините, премиерот Заев и претседателот Вучиќ одржаа заедничка прес-конференција.
Премиерот Заев, истакнувајќи дека првата пратка со 4.680 вакцини од „Фајзер“ е „драгоцен чин на пријателство од Србија", рече дека Република Србија и српскиот народ солидарно ги споделуваат своите вакцини со народот на Северна Македонија.
„Пакетот од 4.680 вакцини од вкупно 8.000 вакцини е израз на пријателска и соседска подадена рака за поддршка и прва помош за македонските граѓани додека стигнат вакцините што ние ги нарачавме“, нагласи премиерот Заев.
Тој истакна дека кризата предизвикана од коронавирусот го извади најдоброто од човештвото, а тоа е соработката, пријателството и солидарноста, како и дека овој настан е резултат на пријателството и меѓусебната поддршка меѓу народите и државите.
„Оваа солидарност и поддршка е израз и на традицијата во регионот, која е повторно на сцена. А тоа е првата рака на помош да се подаде кон најблискиот сосед, кон комшијата. Овој чин ги зацврстува и дава светла перспектива на односите меѓу Северна Македонија и Србија“, додаде Заев.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на прес-конференцијата истакна дека Србија нема никакви други интереси освен да покаже пријателство кон македонскиот народ и кон сите граѓани на Северна Македонија.
„Вистински пријател е тој што ќе ви помогне кога вие се наоѓате во тешка ситуација, кога имате проблеми, кога ви е нешто потребно, а не кога ви е лесно и убаво“, нагласи претседателот Вучиќ.
Тој додаде дека верува оти оваа количина на вакцината ќе биде доволна за најголемиот број на лицата што работат во ковид-зоните и лицата што се најзагрозени.
Министерот за здравство, Венко Филипче, истакнувајќи благодарност до Владата на Србија, рече дека вакцинацијата ќе започне во среда со здравствените работници.
Пратката вакцини од Србија требаше да пристигне пред неколку дена, но како што соопштија од Владата на Северна Македонија, тоа беше одложено од технички причини поради усогласување на техничката документација.
Станува збор за 8000 вакцини од „Фајзер“ што Србија ѝ ги отстапува на Северна Македонија.