Zylfije Adem Jakupi
14 Февруари 2021•Ажурирај: 15 Февруари 2021
ПРИШТИНА
Институционалните и партиските лидери на Косово ја извршија својата граѓанска должност и гласаа на предвремените парламентарни избори, јавува Агенција Анадолија (АА).
- Во Косово се одржуваат предвремени парламентарни избори
Вршителката на должноста претседател на Косово, Вјоса Османи, по гласањето ги повика граѓаните масовно да излезат на гласање и да ја извршат својата граѓанска должност.
„Секако дека е студен ден, но ги повикувам сите наши граѓани масовно да учествуваат во овој така важен процес за земјата. Посебен повик за сите жени и девојки на Косово да учествуваат во овој процес, бидејќи еднаквоста почнува на гласачките кутии“, рече Османи, која е кандидат за пратеник од листата на Движењето „Самоопределување“.
Досегашниот премиер Авдулах Хоти, кој повторно е кандидат за премиер од редовите на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), заедно со сопругата гласаа на гласачкото место на Филозофскиот факултет во Приштина. Хоти рече дека денес е ден за граѓаните да го кажат својот збор.
„Ги повикувам сите граѓани што имаат право на глас денес да го искористат. Денес е нивен ден да го кажат својот збор“, рече Хоти.
„Очекувам дека ќе имаме редовен изборен процес за да ги одржиме стандардите на организирање редовни избори, во согласност со најдобрите европски стандарди на слободни демократски избори, каде што граѓаните слободно можат да го искажат своето мислење“, додаде Хоти.
Лидерот на Движењето „Самоопределување“ и кандидат за премиер, Албин Курти, во друштво на сопругата гласаше на гласачкото место на Правниот факултет во Приштина. Тој рече дека граѓаните имаат потреба за демократија, а дека на институциите им е потребен легитимитет.
„Косово како независна држава му се враќа на народот како извор на суверенитетот. Мораме да гласаме со љубов кон земјата“, рече Курти.
Кандидатот за премиер и вршител на должноста претседател на Демократската партија на Косово (ПДК), Енвер Хоџај, по гласањето на Филолошкиот факултет во Приштина изјави дека денес говорат граѓаните, а не политичарите.
„Мислиме дека граѓаните на Косово денес се соочени со две можности, пред опцијата економско закрепнување, политичка стабилност и меѓународни интеграции или пред маглата и меѓународна изолација. Поради тоа очекувам дека одлуката што граѓаните ќе ја донесат и пресудата што денес ќе ја донесат во текот на денот ќе биде најважната пресуда“, рече Хоџај.
Претседателот на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, гласаше во Средното медицинско училиште „Али Соколи“ во Приштина. Во таа пригода, тој ги повика граѓаните да гласаат.
„Ги молам сите граѓани на земјата да го искористат своето право, да гласаат. Овие избори се важни за давање легитимитет на косовските институции. Нè чекаат многу предизвици, соочување со Србија, ситуацијата со пандемијата и внатрешно јакнење на земјата. Ве молиме гласајте сите“, рече тој.
- Предвремени парламентарни избори во Косово
Низ Косово утрово во 7 часот се отворени гласачките места на предвремените парламентарни избори, а граѓаните со право на глас ќе можат да гласаат до 19 часот.
Се гласа според мерките пропишани за спречување на ширењето на коронавирусот (Ковид-19), задолжително е носење маски и употреба на средствата за дезинфекција на рацете. Ангажирани се и преку 1.000 мобилни тимови за гласачите кои се во самоизолација поради Ковид-19.
Се гласа во 888 гласачки центри, во кои има 2.392 гласачки места. Право на глас во рамките на Косово имаат 1.794.862 гласачи, како и околу 100.000 гласачи пријавени од странство.
На предвремените парламентарни избори за Собранието на Косово се натпреваруваат 28 политички субјекти, од кои 21 политичка партија, две коалиции и 5 граѓански иницијативи. За едно од 120 пратенички места во косовскиот Парламент се пријавија вкупно 1.052 кандидати.
Од 120 места, 20 се резервирани за немнозинските заедници, 10 за српската и 10 за останатите заедници: 3 за Бошњаците, 2 за Турците, 4 за Ромите, Египќаните и Ашкалиите и едно за Горанците.
Последните парламентарни избори, кои исто така беа предвремени, одржани се на 6 октомври 2019 година.
Овие предвремени избори се петти парламентарни избори од прогласувањето на независноста во 2008 година, а Косово ќе добие шеста влада.