Kurbani Geyik
03 Април 2016•Ажурирај: 04 Април 2016
АНКАРА (АА) – Солистот на ирската рок група У2, Боно Вокс, кој во петокот го посети бегалскиот камп во Газиантеп, денес се состана со турскиот премиер Ахмет Давутоглу и по тој повод се заблагодари на Турција поради згрижувањето на бегалците од војната во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
“Ги отворивте вратите на своите соседи. Покрај тоа, училиштата кои ги отворивте се лекција за целиот свет”, изјави Боно.
Тој истакна дека Турција по бројот на примени бегалци е на самиот врв во светот.
"Неодамна бев во кампот на границата на Сомалија. Во кампот се оние кои се родени таму и (властите) не знаат што да прават со тие луѓе. Но вие во Турција применувате друг модел, треба да дознаеме како успеавте во тоа. Сигурен сум дека има многу недостатоци, но многу повеќе го има она на што треба да се гордееме", рече Боно, додавајќи дека Турција е пример за добар сосед.
Турскиот премиер Давутоглу истакна дека за прашањето за бегалците кои доаѓаат во Турција поради кризата во Сирија може да се разменат искуства, но поважно е да се споделат нивните чувства.
Турскиот премиер Давутоглу додаде дека Турција досега потрошила 10 милијарди долари само за камповите за згрижување во кои се наоѓаат 300.000 бегалци, а останатите бегалци, чиј број е 2,7 милиони, живеат во различни градови низ Турција.
“Постојат училишта кои во утринските часови одржуваат настава за учениците од Турција, а во попладневните часови за децата од Сирија. Повеќе од 100.000 сириски деца се родени во нашите болници. Тие се членови на нашето семејство”, изјави Давутоглу.
Боно на својот профил на Инстаграм објави фотографии од посетата на кампот во Газиантеп на 1ви април, каде што пееше заедно со сириските дечиња-бегалци.