Nuri Aydın
27 Јануари 2022•Ажурирај: 01 Февруари 2022
АНКАРА (АА) - За првпат во Соединетите Американски Држави (САД), робот изврши операции без да добие помош од човек, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста на „Гардијан“ (The Guardian), роботот по име Стар успешно извршил операции на тенкото црево кај четири свињи.
Во операциите, роботот ја исполнил својата задача благодарение на засеците од 1-3 см направени во стомакот на свињите.
И покрај ограничениот опсег на движење и видното поле, работењето на роботот е оценето како успешно.
Исто така, се истакнува дека вештачката интелигенција и камерата интегрирани во роботот му помогнале истовремено да ги приспособи рацете според дишењето и движењето на свињата.
Меѓу другото, утврдено е дека роботот ја сошил раната поуредно од ветеринарните лекари и постигнал поуспешни резултати.
Д-р Аксел Кригер од Универзитетот „Џонс Хопкинс“, САД, кој раководел со операциите, истакна дека роботот за пет години ќе може сам да изврши операција на луѓе.
Кригер истакна дека благодарение на вештачката интелигенција, роботот има способност да планира и имплементира.
Истражувачите нагласија дека роботите се развиени за да се користат за различни видови операции кај луѓе.