03 Ноември 2023•Ажурирај: 06 Ноември 2023
КУДС/ЕРУСАЛИМ (АА) - Израел повторно воведе старосни ограничувања за Палестинците кои сакаа да присуствуваат на петочната молитва во Ал Акса, џамијата во окупираниот Источен Ал-Кудс (Ерусалим), јавува Анадолу.
На снимките што ги забележа репортерот на Агенција Анадолу може да се види дека влезот беше дозволен само за постари Палестинци, кои во комплексот влегоа преку капијата Баб Ал-Силсила.
Израелските сили кои презедоа интензивни безбедносни мерки со барикади во подрачјето на старото јадро на градот, од утринските часови не ѝ дозволуваа на палестинската младина да влезе во Ал Акса.
Минатиот петок само 5.000 Палестинци можеа да клањаат џума-намаз (петочна молитва), во џамијата Ал Акса бидејќи Израел воведе старосни ограничувања. Слично беше и претходните недели.
Комплексот Ал Акса се простира на 15 отсто од старото јадро на Кудс (Ерусалим), кое е под израелска окупација, и претставува точка на средба на трите најголеми религии во светот.
По Месџиду-л Харем во Мека и Џамијата на Пратеникот во Медина, Ал Акса е третото најважно место за муслиманите.
Тензиите се случуваат во ек на немилосрдното израелско бомбардирање на Појасот Газа. Конфликтот во Газа започна на 7 октомври кога Хамас ја започна операцијата Поплава Ал-Акса, повеќестран ненадеен напад кој вклучи бараж од ракети и инфилтрирање во Израел прелу копно, море и воздух.
Хамас објави дека нападот бил одмазда за рациите во џамијата Ал Акса и насилството на еврејските доселеници врз Палестинците.
Израелската војска оттогаш ги прошири воздушните и копнените напади врз Појасот Газа, во коишто загинаа 9.061 Палестинец.
Тензиите се зголемија и низ окупираниот Западен Брег, каде од 7 октомври досега се убиени најмалку 130 Палестинци, а над 1.680 се приведени.