ИСТАНБУЛ (АА)
‒ Енес ТАХА ЕРСЕН
Дискриминаторската политика на земјите членки на Европската Унија (ЕУ) кон 1,1 милион луѓе од Сирија, кои 12 години живеат во граѓанска војна, се рефлектира во меѓународните извештаи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Земјите членки на Европската Унија (ЕУ) прифатија повеќе од 7 милиони Украинци за седум месеци од почетокот на Руско-украинската војна.
Институциите како што се Обединетите нации (ОН) и „Амнести интернешнел“ ја критикуваа дискриминаторската политика на ЕУ. Во својот извештај објавен на 6 септември, Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) објави дека 7.156.748 Украинци побарале азил во земјите членки на ЕУ, пред сѐ во Германија, Полска, Унгарија и Романија.
Во извештајот се наведува дека повеќе од 4 милиони Украинци се вклучени во програмите за привремена заштита. Земја која прифатила најмногу Украинци е Полска, 2.536.630 лица, потоа Унгарија, 1.338.276 лица и Германија со околу милион лица е на трето место.
Од друга страна, според податоците објавени од ОН, ЕУ ги отвори вратите за само 1.160.000 Сиријци од почетокот на Граѓанската војна во Сирија. Според податоците на ОН, Германија има прифатено 560.000, а Шведска, Австрија, Холандија, Франција и Грција прифатиле вкупно околу 600.000 сириски бегалци.

Нема информации за тоа колку сириски бегалци прифатија земјите како што се Полска, Унгарија, Романија и Молдавија од почетокот на сириската Граѓанска војна. Овие земји прифатија најмногу бегалци од Украина.
Илјадници баратели на азил кои не беа примени во Европа затоа што не беа Украинци, загинаа во Медитеранот или беа насилно истуркани назад од страна на грчката крајбрежна стража.
Агенцијата на ЕУ за заштита на границите, „Фронтекс“, беше критикувана за употребата на насилство врз бегалците и за потопувањето на чамците со мигранти. Повеќето од бегалците кои не се примени во ЕУ, беа испратени во Анкара пред 2016 година под услов за финансиска поддршка од ЕУ.
Се проценува дека Туркије денес е домаќин на 3,7 милиони Сиријци.
Дискриминаторскиот однос на земјите од ЕУ кон барателите на азил се одрази и во изјавите на политичарите и емисиите на западните медиуми.
Давид Сакварелидзе, поранешниот заменик-јавен обвинител на Украина, во изјавата за „Би-би-си“ (BBC), критикувајќи го руското бомбардирање на неговата земја, рече: „Ова е многу емотивно за мене. Гледам дека русокосите, синооки Европејци и деца се убиени од Путиновите проектили, хеликоптери и ракети.“
Кели Кобеиља, новинарката на телевизијата „Ен-би-си“ (NBC), за украинските бегалци истакна: „Ова не се бегалци од Сирија. Овие се од Украина. Тие се христијани, тие се белци.“
Дописничката на британската „ИТВ њуз“ (ITV News), Луси Ватсон, нагласи: „На Украинците им се случија непредвидливи работи. Ова не е земја од третиот свет кои се во развој. Ова е Европа.“
Улис Госе од француската БФМ ТВ (BFM TV) рече: „Ние сме во 21 век. Се наоѓаме во европски град, но стрелањето со крстосувачки ракети продолжува како да сме во Ирак или Авганистан.“
Колумнистот на „Телеграф“ (Telegraph), Даниел Ханан, нагласи: „Тие многу личат на нас. Тоа е она што го прави толку шокантно она што се случува. Војната повеќе не е нешто што им се случува само на осиромашените народи кои се далеку од нас.“
„Ова не е место како Ирак или Авганистан кое со децении е зона на конфликт. Ова е цивилизиран, европски град“, рече Чарли Д‘Агата, новинарот на „Си-би-ес њуз“ (CBS News).
Овие зборови на американскиот новинар наидоа на големи реакции. Надер Иса, новинарот на „Чикаго сан-тајмс“ (Chicago Sun-Times), осврнувајќи се на изјавата на новинарот Чарли Д’Агата од „Си-би-ес њуз“, нагласи: „Си-би-ес њуз денеска директно го промовира расизмот. Ако ова е верзијата во која тој внимателно ги избирал зборовите, алтернативното значење на реченицата би било: ‘Тоа се цивилизирани бели луѓе, а не нецивилизирани луѓе со потемна боја на тенот.‘“
Поранешниот бугарски премиер Кирил Петков, споредувајќи ги сириските и украинските воени жртви, Украинците ги нарече: „образовани, вешти и паметни“.
За бегалците од Блискиот Исток, Петков рече: „Овде нема бегалски бран на кој сме навикнати и луѓе со неизвесно минато со кои не знаеме што да правиме.“

Споредувајќи ги бегалците од Украина, каде што живеат околу 250.000 луѓе со бугарско потекло, со сириските бегалци, Петков рече: „Тоа се Европејци чиј аеродром е бомбардиран и кои се под силен оган.“
За дискриминаторската политика за азил на европските земји реагираа и Обединетите нации. Портпаролката на УНХЦР, Шабија Манто, потенцирајќи ги двојните стандарди за бегалците, нагласи: „Не е важно каков е нивниот идентитет или од каде доаѓаат. Ајде да бидеме малку похумани и сочувствителни.“
Високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди, истакнувајќи дека Европа барателите на азил ги третира „нееднакво“, рече дека земјите од ЕУ се натпреваруваат меѓусебно да не прифаќаат имигрантски групи во Медитеранот, но великодушно ги пречекуваат украинските бегалци.
Агнес Каламард, генералната секретарка на „Амнести интернешнал“, на својот профил на Твитер, критикувајќи го дискриминаторскиот однос на Европа кон барателите на азил надвор од Украина, напиша: „Коментарите на некои новинари и други лица за приливот на бегалци од Украина се крајно одвратни и го откриваат третманот на западните земји кон бегалците и мигрантите низ годините.“
Франческо Рока, претседател на Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина (IFRC), истакна дека Европа применува „двојни стандарди“ за Украинците и бегалците од различни делови на светот.
„Оние кои бегаат од насилство и бараат заштита, треба да бидат третирани подеднакво“, рече Рока.

Оценувајќи го пристапот на Европа кон бегалската криза во Украина, Серена Парек, вонреден професор по филозофија на Североисточниот Универзитет, истакна:
„Бегалската криза во 2015 година создаде стравување дека тие би можеле да бидат терористи бидејќи не знаевме ништо за нивното потекло. Тоа е поврзано со ставот со кој сите мажи муслимани од Блискиот Исток се гледаат како терористи. Расата, исто така, игра улога во топлото добредојде на Европа кон украинските бегалци. Кога многу луѓе ќе видат Украинци, ќе речат ‘имаат руса коса и сини очи исто како нас‘. Ова е расизам бидејќи се заснова на логиката дека бегалците кои личат на нас, заслужуваат поголема помош и поддршка од оние кои не личат на нас.“
Според податоците објавени од УНХЦР до 24 јули, повеќе од 5.000 луѓе ги загубиле животите, а повеќе од 7.000 луѓе се повредени во војната меѓу Русија и Украина која започна на 24 февруари. Повеќе од 4,5 милиони луѓе станаа бегалци.
news_share_descriptionsubscription_contact
