Aşkın Kıyağan
12 Декември 2020•Ажурирај: 12 Декември 2020
ВИЕНА
Уставниот суд во Австрија донесе одлука дека е неуставна забраната за носење марама во основните училишта, што во мај 2019 година ја усвои администрацијата на канцеларот Себастијан Курц, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на Уставниот суд во Австрија, Кристоф Грабенвартер, на прес-конференција ја соопшти одлуката во врска со забраната за покривање на главата во согласност со верските правила или симболи во основите училишта, што во јавноста е позната како забрана за носење марама.
Грабенвартер рече дека е донесена одлука за укинување на забраната за марама во основните училишта, која на сила стапи во 2019 година, бидејќи е во спротивност со принципот на еднаквост пропишан со Законот за образование.
Тој рече дека децата муслимани би можеле да бидат дискриминирани во образовниот систем и дека би можеле да се намалат шансите девојчињата муслиманки да одат на училиште, што во иднина би довело до нивно отфрлање од страна на општеството.
Грабенвартер рече и дека забраната за верска облека само на муслиманите во образовниот систем би можела да доведе до стигматизација.
Уставниот суд наведе дека сметаат оти верската облека во училиштата нема да доведе до судири во образовниот систем како што тврдат властите и дека забраната за облека што ја носат муслиманите е спротивна на Законот за образование.
Грабенвартер наведува дека фактите, врз основа на кои властите ја базирале забраната, не се објективни.
„Да сумираме, забраната го крши правото на верска слобода, поглед на светот, мислење, принципот на еднаквост, што е одредено со 43. параграф на Законот за образование“, рече претседателот на Уставниот суд.
Наведе и дека имплементација на одлуката на Уставниот суд за поништување на законот кој предвидува забрана за носење марама е законска обврска на австрискиот канцелар Себастијан Курц. Грабенвартер додаде и дека Министерството за образование донело одлука за сносување на судските трошоци на семејството, кое на Судот му се обрати во врска со забраната.