Berk Özkan,Andaç Hongur,Hatice Şenses Kurukız
14 Февруари 2021•Ажурирај: 15 Февруари 2021
ИСТАНБУЛ
Пред џамијата Фатих во Истанбул се одржа погребната молитва (џеназе намаз), а потоа е погребан Кадир Топбаш, поранешниот градоначалник на Истанбул, кој вчера почина во 76. година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Погребната молитва ја предводеше претседателот на Управата за верски работи Али Ербаш, а на погребната церемонија присуствуваше и претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган.
Ковчегот со телото на Топбаш, прекриен со државното знаме на Република Турција, донесено е пред џамјата Фатих, каде бројни функционери и присутни граѓани на семејството Топбаш му изразија сочувство.
Освен претседателот Ердоган, на погребната церемонија присуствуваа и претседателот на парламентот Мустафа Шентоп, потпретседателот на Турција Фуат Октај, поранешниот претседател на Турција Абдулах Ѓул, бројни министри, функционери од различни нивоа на власта како и бројни граѓани.
По погребната церемонија, Ердоган во изјава за медиумите рече дека заедно со Топбаш учел во средното верско училиште, медресе, во Истанбул. Тогаш како што наведе, почнало нивното пријателство и заедничко патување.
По клањањето на џеназе-намазот, Топбаш е погребан во харемот на џамијата Фатих.
Кадир Топбаш е роден е на 8 јануари 1945 во Артвин. Дипломирал на Теолошкиот факултет на Универзитетот „Мармара“ во 1972 година и на Архитектонскиот факултет на Универзитетот „Мимар Синан“ во 1974 година.
Работејќи некое време како слободен архитект, Топбаш ја извршуваше и функцијата потпретседател на истанбулскиот Одбор за заштита на спомениците и културното наследство при Министерството за култура.
Во текот на 40-годишната политичка кариера, работеше и како советник на претседателот Реџеп Таип Ердоган додека беше на функцијата градоначалник на Истанбул во периодот од 1994 година до 1998 година.
На позицијата градоначалник на Истанбул е избран во 2004 година. Топбаш повторно е избран за градоначалник на Истанбул во 2009 и 2014 година и стана прв градоначалник на градот што победи на изборите во низа.
Поднесе оставка во 2017 година.