12 Октомври 2021•Ажурирај: 13 Октомври 2021
БЕЛГРАД (АА) – Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека кога се зборува за мирот и стабилноста, во светот на интересите „нема милост за слабите“ туку постои „почит кон оние кои се силни“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Вучиќ, отворајќи го Меѓународниот саем на оружје и воена опрема „Партнер 2021“ во Белград, нагласи дека е важно Србија да ја развива одбранбената индустрија како би можела да го зачува мирот и стабилноста и како не би била понижувана и загрозувана.
Истакна дека Србија во претходните неколку години успеала да ги стави војската и воената индустрија на ,,пиедесталот на довербата на народот“, што секако ѝ припаѓа на војската на Србија „не само поради историските заслуги“.
Зборувајќи за оклопното возило „Лазар 3“ со топ од 30 милиметри, што се произведува во Србија, Вучиќ укажа дека тоа е „омилена алатка“ на началникот на Генералштабот на војската, Милан Мојсиловиќ, кој го „сака повеќе од сите наши новитети“.

Вучиќ додаде дека не знае што е толку посебно во врска со „Лазар 3“, додавајќи дека „можеби ќе имаме прилика да се увериме“.
Тој нагласи дека Србија денес, низ организирањето на Движењето на неврзаните земји „го промовира мултилатерализмот“ и дека верува оти дипломатските напори на Србија да ги промовира мирот и стабилноста се препознаени во светот.
Потсети дека Србија е домаќин на „дури 117 делегации од целиот свет“ додека истовремено организира „еден од најзначајните саеми на оружје во овој дел на Европа“.

„Основата цел и клучната политика мора да бидат мирот и стабилноста“, напомена Вучиќ и потсети дека народната мудрост вели дека нема пат кон мирот туку дека мирот е патот.
Вучиќ рече дека е посебно среќен што овогодинешниот саем е најголем досега и што покажува најмногу новитети во десетгодишната историја.
Со оглед на тоа дека е тешко да им се спротивстави на големите сили во промоцијата на оружје и воена опрема, тој нагласи дека за Србија е важно да ја избере онаа област од оружјето во која може да се натпреварува. Тој истакна дека за Србија е важно што на Саемот се присутни голем број министри за одбрана и началници на генералштабови и пријатели од многу земји.
Тој додаде дека тие „ќе имаат што да видат“, а дека Србија ќе се потруди цената да биде „разумна и пристојна“ и дека купувачите ќе добијат „добар и доверлив производ“.
Коментирајќи ја изјавата на претседателката на Косово, Вјоса Османи, која им порача на државите кои учествуваат на Самитот на Движењето на неврзаните земји, а кои не ја признале независноста на Косово, да „не наседнуваат на пропагандата на Србија“, Вучиќ рече дека иако не ја видел таа изјава, косовските власти мислат „дека политиката е во тоа што секој ден ќе ја напаѓаат Србија и ќе го негираат тоа што Србија го прави“.
Тој рече дека властите на Косово мислат дека проблемите се решаваат доколку се даваат „што поагресивни изјави, а да не морате ништо да работите, доволно е да го објавите својот став“.
Вучиќ нагласи дека Србија „никого не мами и не залажува“ и дека ако некој некого залажува „тогаш тоа се тие, и не само тие, бидејќи тие не се важни, туку оние што ги поддржуваат“.