Bojana Stojanovic
22 Ноември 2020•Ажурирај: 23 Ноември 2020
БЕЛГРАД
Работното време на рестораните, кафулињата, баровите, клубовите, кладилниците и трговските центри ќе биде скратено до 18 часот од вторник, 24 ноември, соопшти Владата на Србија, која ги донесе новите мерки за борбата против коронавирусот (Ковид-19), пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Задолжително и безусловно е користење на личната заштитна опрема (носење заштитна маска) во затворен простор, како и на отворен простор во оние ситуации каде што не можат да се избегнат меѓучовечките контакти“, наведено е во соопштението.
Од вторник стапува во сила и забраната на сите јавни собири со присуство на повеќе од пет лица во затворен и на отворен простор. Од оваа мерка се изземени работните организации, училишните установи, продавниците, трговските центри и слични објекти, за кои важи пропишаното ограничување на бројот на присутни лица во секој момент во однос на квадратурата на објектот (минимум четири квадратни метри по лице).
Меѓу мерките е и овозможување работа од дома на сите вработени кај кои работниот процес го дозволува тоа, строга контрола на обврската за носење заштитни маски во возилата на јавниот превоз, со ограничување на максималниот број патници во возило на половина од декларираниот капацитет на возилото, како и строга контрола на спроведувањето домашна изолација, домашен карантин (самоизолација), како и на сите останати противепидемиолошки мерки што се на сила.
„Горенаведените мерки се предвидени за период од десет дена и ќе бидат одново разгледани во согласност со актуелната епидемиолошка ситуација. Владата ја користи оваа можност уште еднаш да ги замоли и најсилно да апелира до сите граѓани да се однесуваат одговорно кон себе и кон останатите сограѓани. Сите усвоени мерки имаат за цел исклучиво зачувување на животот и здравјето на граѓаните“, се додава во соопштението.