Ahmet Gürhan Kartal
17 Јуни 2022•Ажурирај: 20 Јуни 2022
ЛОНДОН (АА) - Британската министерка за внатрешни работи, Прити Пател, денеска потпиша одлука за екстрадиција на Џулијан Асанж, коосновачот на Викиликс, во Соединетите Американски Држави (САД), јавува Агенција Анадолија (АА).
Судот во Велика Британија во април го достави налогот за екстрадиција до министерката Пател, потврдувајќи дека американските гаранции за постапувањето со Асанж се доволни за екстрадиција.
Се очекува адвокатскиот тим на Асанж да поднесе жалба на одлуката на Пател.
Британскиот суд во Вестминстер на крајот на април издаде официјална наредба за екстрадиција на Асанж во САД за да се соочи со обвиненијата за шпионажа. Судот пресуди по повеќе од еден месец откако беше одбиена жалбата на Асанж на одлуката на понискиот суд да го екстрадира во САД.
Американските власти го бараат Асанж поради наводен заговор по објавувањето на стотици илјади документи за војните во Ирак и Авганистан, вклучително и докази за можни воени злосторства.
САД го добија спорот во британскиот Висок суд во декември минатата година поради претходната одлука дека Асанж не треба да биде екстрадиран поради реалниот и „опресивен“ ризик од самоубиство.
Доколку биде екстрадиран во САД, Асанж ќе се соочи со 18 точки од обвинението за хакирање на компјутерите на американската Влада и кршење на законите за шпионажа и се соочува со потенцијална повеќегодишна затворска казна.
Минатата година Асанж беше извлечен од зградата на Еквадорската амбасада во Лондон, каде што беше во прибежиште повеќе од седум години.