Muhammet Tarhan
04 Ноември 2022•Ажурирај: 05 Ноември 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу изјави дека Туркије ќе продолжи со напорите да обезбеди испораката на жито од Украина да се одвива без прекин, јавува Агенција Анадолија (АА).
„За 20 дена овој договор за жито мора да се обнови. Тоа беше договор на четири месеци. Ќе продолжиме со нашите напори, под водство на нашиот претседател [заб.авт. Реџеп Таип Ердоган], да осигураме тој да продолжи без прекин“, порача Чавушоглу на заедничката прес-конференција во Истанбул по состанокот со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
Шефот на турската дипломатија нагласи дека знаат дека секое намалување на испораката на жито ќе влијае на најнеразвиените земји, и дека во текот на минатата недела, за време на посетата на три африкански земји, воочиле колку овие земји се загрижени поради прекинот испораката.
Одговарајќи на прашањето за членството на Финска и Шведска во НАТО, Чавушоглу потсети дека Трипартитниот меморандум го потпишаа Туркије, Финска и Шведска на самитот на НАТО во Мадрид на 28 јуни, и дека меморандумот вклучува чекори кои Финска и Шведска треба да ги преземат за полноправно членство во НАТО.
Според Чавушоглу, на тој план преземени се некои чекори.
„Како што рече генералниот секретар, шведското укинување на ембаргото за оружје за Туркије е важен чекор, па дури позитивно ги оценија и пријавите на една или две наши компании. Меѓутоа, не може да се каже дека овие две земји целосно ги имплементираа сите елементи на овој меморандум“, рече Чавушоглу и додаде:
„Нашето тежнеење не е да му наштетиме на НАТО или да го спречиме ширењето на НАТО. Туркије е една од земјите што досега ја даде најсилната поддршка за проширувањето на НАТО.
Турскиот министер наведе дека целта е Финска и Шведска да преземат „важни чекори во борбата против тероризмот“.